СООПШТЕНИЕ - 09.01.2019 во 14:58





Во Полошкиот регион се одржа втора едукативна работилница за ефикасно искористување на средствата од ИПАРД програмата



Во Полошкиот регион како еден од позначајните за домашното земјоделство но и за преработувачката индустрија се одржа едукативна работилница за сите правила и процедури кои треба да бидат запазени за ефикасна искористеност на средствата од ИПАРД програмата. На работилницата присуствуваа Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, Директорот на Агенцијата за поттикнување на земјоделството Елгафер Јусуфи и заменик директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството Абдул Селами.

Токму во Полошкиот крај неколку претпријатија имаат успешни реализирани приказни. Во таа насока за нови квалитетни апликации земјоделците беа запознаени и за тековните огласи за добивање на средства по Мерка 3 од ИПАРД програмата „ Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, која истекува на 29 јануари.

Мерката 3, предвидува инвестиции во преработувачки капацитети за : млеко и млечни производи, месо и производи од месо, вклучително и живина и јајца. Предвидува и преработка на овошје, зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, преработка на вино и оцет при што половина од вложените средства на земјоделците ќе им биде кофинансирана односно ќе им бидат вратени 50 отсто од парите кои им се одобрени како прифатлив трошок. За оваа мерка повикот е отворен до 29- ти јануари, а на располагање се вкупно 13 милиони евра.

Исто така до 9 февруари е аплицирањето и за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства “ . Бабовски потсети дека:

- Со оваа мерка ќе може да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжери капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи. Исто така може да се набавуваат и машини и опрема за земјоделство, системи капка по капка, но, не и трактори, затоа што Буџетот за оваа намена е искористен со претходниот Повик. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој Јавен Повик изнесува околу 12 милиони евра.


Бабовски потенцираше дека на овој повик поднесените апликации мора да бидат целосни и комплетни што е и услов да поминат во следна фаза за разгледување.

Само на првиот повик со ИПАРД 2 програмата склучени се 940 договори во вредност од 18 милиони евра, што е повеќе од целиот програмски период за ИПАРД 1. На сметките на земјоделците и на бизнис заедницата досега вратени се 1,4 милиони евра за реализирани инвестиции во земјоделството и преработувачките капацитети.

Користењето на средствата од ИПАРД, за Македонија значи достигнување на стандардите на Европската Унија кои се однесуваат на квалитет и безбедност на храна, јавно здравје, заштитата на животната средина, заштита при работа, здравје и заштита на растенијата и на животните, благосостојба на животните, како и поддршка за оддржливо управување со природните ресурси и подобрување на условите за живот во руралните средини и руралната економија во целост.

Денешната работилница е втора од делот на едукативната кампања за ИПАРД 2 2014-2020, која ќе трае 18 месеци и во чии рамки ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо денови.




 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu