СООПШТЕНИЕ - 22.02.2019 во 15:19



Исплатени 16 милиони евра субвенции за сточарство

16 милиони евра за субвенции исплатени се за одгледувачите на обележани грла кози, овци, говеда и несилки. Изминатите денови заедно со исплатата на средствата за лозарите на вкупно 33,113 сточари и лозари исплатени се 25 милиони евра за субвенции. Ова денеска на прес конференција го истакна директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и државниот секретар при МЗШВ, Нефрус Челику. Директорот на АФПЗРР, Бабовски рече дека земјоделците парите за субвенции ги добиваат тогаш кога им се најпотребни.

„Во насока на обезбедување на поволни услови за унапредување на земјоделството, во еден ден и без селекција, минатата недела на вкупно 15. 208 лозари се исплатија 9 милиони евра. Еве веќе од вчера, на вкупно 17. 905 сточари исплативме околу 16 милиони евра. Или вкупно за двете мерки, исплативме 25 милиони евра.Тоа е свеж капитал кој во овој период пред сеидба и пред сезона им е добредојден на земјоделците.“ – истакна Николче Бабоски – директор на АФПЗРР.

Во насока на поттикнување и развој на земјоделството, МЗШВ и АФПЗРР, во новата Програма за рурален развој за 2019 година, предвидоа зголемена финансиска поддршка за набавка на висококвалитетни грла на добиток, и набавка на нови лозови и овошни насади. Државниот секретар при МЗШВ Нефрус Челику, ги потсети земјоделците кои се заинтересирани за инвестирање во сточарство или овоштарството дека рокот за пријавување за користење на средства од Програмата за рурален развој, истекува наскоро.

„ Да ги потсетам сточарите дека на 28-ми овој месец истекува рокот за јавниот повик за набавка на приплоден добиток за последниот квартал од 2018 година. Воедно, би сакал да потенцирам дека во новата Програма за рурален развој за 2019 година, токму за оваа мерка вкупната финансиска поддршка ја зголемивме од 14 милиони денари на 90 милиони денари.“ – истакна Нефрус Челику, државен секретар при МЗШВ.
Бабовски и Челику, информираа и дека паралелно со исплатата на средства од Националната тече и исплатата на средства по ИПАРД Програмата.

„За првиот повик од ИПАРД 2 за Мерките 1,3 И 7 склучени се 953 договори со вкупна побарувана сума од 22,4 милиони евра. Од тие 953 договори до денеска до Платежната агенција пристигнати се 667 барања за исплата со побарана сума 6.6 милиони евра, на 158 апликанти кои ја реализирале инвестицијата веќе им се вратени над 2 милиони евра.“- истакна Бабовски.

Согласно последниот Повик за ИПАРД 2 прогарамата за Мерката 1 „ Инвестиции во материјални средства за земјоделски стопанства“, пристигнати се 1.099 барања за добивање на финансиска поддршка, со која се побаруваат 17,1 милион евра. Додека, за Мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи,“пристигнати се 65 барања и со нив се побаруваат 15,9 милиони евра. Или, вкупно на двата повика пристигнати се 1,164 барања, со вкупна побарувана сума од околу 33 милиони евра.








 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu