СООПШТЕНИЕ - 04.04.2019 во 16:35




Исплатен долгот што дел од винарниците го имаа кон лозарите

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, исплати 77 милиони денари на 2.048 лозари по основ на долгот што винарските визби го имаат кон лозарите за предаденото грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година. Во списокот на винарски визби кои за посочениот период имаат долг кон лозарите спаѓаат и винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“, и сите други винарски визби кои што во истиот период биле регистрирани како винарници во регистарот на МЗШВ. Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека целата постапка во делот на измените на Законот за земјоделство и рурален развој и Програмата за директни плаќања 2019 година се направи на почетокот на годината, со што се исполни и правниот основ за државата да ги обештети лозарите, кои имаат побарувања за предаденото а неплатено грозје.
„Направивме една проактивна одлука со вклученост на градоначалниците од Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија, пратениците од овој регион, лозарите. Се одржаа многу средби и со претставниците на винарските визби кои го откупиле а не го платиле грозјето , се со цел да се најде соодветно решение. Нашата цел е лозарите да имаат сигурност во плаќањето, да знаат дека предадениот род ќе им се плати. Изминатиов период Државниот инспекторат за земјоделство и Платежната агенција беа интензивно ангажирани на обработка на податоците и се посветија на побрза обработка на решенијата, со цел лозарите побрзо да бидат обештетени. Согласно тековните исплати, над 2.000 субјекти ги добија парите во вкупен износ од 77 милиони денари“, изјави министерот Николовски.
При тоа Николовски посочи пред почетокот на новата производствена реколта, лозарите ги добија субвенциите за основната мерка за одржување на лозови насади. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски , изјави дека праксата за навремена и неселективна исплата на субвенциите тогаш кога им се потребни на земјоделците ќе продолжи и во следниот период.
Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев посочи дека со исплатата на долгот што дел од винарниците го имаат кон лозарите се исправа една неправда која им беше направена на лозарите во изминатите години.
Инаку, на 4-ти февруари годинава, Собранието ги усвои измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се исполни и правниот основ за државата да ги обештети лозарите. Со законските измени се создаде можност Владата да донесе одлука за дополнителна помош за одреден земјоделски производ, откупен најмногу пред пет години од денот на донесувањето на одлуката, а неплатен од страна на регистриран откупувач. На 7 февруари, на вонредна седница, Владата ја донесе предлог Одлуката со што Владата ја прифати и Предлог – Програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019-та година, со што се овозможи овој долгогодишен проблем да се реши.





 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu