СООПШТЕНИЕ - 01.11.2019 во 14:23





Инвестираме во добра инфраструктура од интерес на повеќе од 5000 граѓани и создаваме можност за развој на руралниот туризам и побрз проток на добра и услуги



Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, направија увид во отпочнувањето на градежните работи на патот од с. Бутел до с. Љуботен, скопско.

Истакнувајќи дека реконструкцијата и проширувањето на патната делница со должина од шест километри меѓу населбата Бутел и селото Љуботен е исклучително важна, заради обезбедување добра поврзаност на населените места со градот Скопје, премиерот Заев подвлече дека ова е само почеток за отворање можност за развој на руралниот, односно селскиот туризам, но и овозможување полесен пристап и комуникациска поврзаност на земјоделците.
„Благодарам на силните капацитети што Општината Бутел можеше да ги смогне со овие преку 12 милиони денари, односно преку 200 илјади евра. Ние партиципираме со нешто повеќе од 11 милиони денари преку Проектите за поддршка на руралниот развој за овој пат. По точно 28 години, од 1991 година, кога последната реконструкција била направена со самопридонес, конечно државата и општината учествуваат и со тоа покажуваат кон својот народ дека инвестираме, инвестираме ваши пари. Тоа се вашите пари кои ги плаќате преку даноци и во општината и во државата“, истакна премиерот Заев обраќајќи се пред присутните граѓани.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бабовски, посочи дека Агенцијата остварува реализација на повеќе од 200 проекти за 80 општини за обезбедување рамномерен, регионален развој на сите урбани средини, но и на сите рурални средини во целата држава.
„Со тоа сакаме да ги подобриме и условите за живот на граѓаните во сите средини, да обезбедиме економски напредок во овие средини, да се развива туризмот бидејќи, како што знаете еве точно во овој регион, во општина Бутел овој пат ќе обезбеди проток на добра, услуги и луѓе, ќе обезбеди непречен достап до урбаните средини на повеќе од 5.000 жители. Од друга страна, ќе обезбедиме со добра инфраструктура, развој на малите бизниси, останување на младите луѓе во овие средини и економски развој на сите средини во Република Северна Македонија, а тоа покажува дека навистина сме на правиот пат, пат којшто ќе обезбеди рамномерен регионален развој на цела држава“, рече директорот Бабовски.
И градоначалникот на Општината Бутел се осврна на важноста на денешниот проект и овозможување подобри услови за комуникациска поврзаност на жителите на околните села, Љуботен и населбата „Хот Хот“, оценувајќи дека со тоа реонот станува атрактивен за домашни и странски инвеститори.
„По овој пат дневно поминуваат 2 до 3 илјади луѓе. Комуникацијата е над три илјади луѓе коишто веќе живеат во селото, плус викендаши имаме некаде околу 40 до 50 редовни викендаши. Се поврзува и селото Раштак. Со тоа покажуваме дека патот е многу важен. Многу сум благодарен на Владата што ни овозможи ваква можност, патот да биде изработен во најбрз можен рок. Ова што сега го правиме е почеток на развивање на селскиот туризам во општина Бутел“, рече градоначалникот Велимир Смилевски.
Присутните се согласија дека вложувањата во патната инфраструктура е импакт за поттикнување на локалниот развој на заедницата и влијае на обезбедување на проекти на локалните самоуправи, кои се однесуваат на подобрување на патната мрежа во нивните општини.


Премиерот Заев на увид во отпочнувањето на градежните работи на патот од село Бутел до село Љуботен





 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu