СООПШТЕНИЕ - 14.05.2020 во 16:54


Распределени се 50 фотоволтаични комплети за производство на струја на бачилата и 150 водопоила од инокс за напојување на добитокот

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски, беа во посета на фарма на земјоделецот Зоранчо Штерјов во штипското Ново Село.
„За прв пат македонските бачила од високопланинските региони добија струја. Со средства од Програмата за рурален развој за 2019 година, набавени се и распределени 50 фотоволтаични панели во вредност и истите се распределени на бачилата низ целата држава: Битола, Штип, Радовиш, Македонски Брод, Дебар, Кавадарци, Гостивар, Свети Николе, Кичево и Велес. На овој начин ќе придонесеме сточарите да добијат пристојни услови за живот и полесно производство, што претставува голема поддршка за сточарите. Освен фотоволтаици набавени се и 150 метални водопоила кои за прв пат се изработени од нерѓосувачки материјал (инокс) со долготраен квалитет и распределени се на 83 локации на територијата на државата како и пластични црева за вода. Со ова заокружуваме набавка на се што е потребно за подобрување на условите на бачилата. Вкупниот износ на набавената опрема изнесува вкупно 23,875,076 денари со ДДВ“- изјави министерот Трајан Димковски.

Исто така, тој истакна дека наша цел е да инвестираме во развојот на сточарството, да создадеме услови, пат, вода, струја и преку нашата грижа да ги зачуваме овие богати екосистеми и да им помогнеме на сточарите полесно и поефикасно да го работат она што најдобро го знаат. Во таа насока е и интервентната мерка која ја донесовме во услови на пандемијата со Ковид 19, а тоа е зголемена субвенција за задржано женско јагне, со што вкупната финансиска поддршка за женско јагне изнесува 2.500 денари по грло.
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, рече дека Владата со министерството и Агенцијата ќе продолжат да создаваат услови за развој на сточарството и на агро секторот.


“Средства за рурален развој и финансиска поддршка на земјоделството има. Тоа го докажавме и со вчерашната исплата на средствата за мерката задржани женски јагниња и јариња. На 4.945 сточари кои во минатата година задржаа во матичните стада женско јагне и јаре исплативме 88, 6 милиони денари.
Преку навремената и неселективна исплата на субвенцииите и за земјоделците и за сточарите покажуваме една посветеност за создавање на поволни услови за развој на агро – секторот. На овој начин директно вбризгуваме нови средства, свеж капитал, кој сточарите ќе можат да го реинвестираат во обнова на стадото, во набавка на потребната сточна храна или потребна прихрана за стоката со што ќе овозможиме квалитетно домашно производство на млеко и месо”- Изјави директорот Николче Бабовски.
Во изминатиов период, освен набавката на фотоволтаици и водопоила, извршено е пробивање на 2,5 км земјени патишта до пасиштата и реконструкција на 22 км постоечки земјени патишта до пасиштата. Со ова овозможивме полесен пристап до бачилата и полесен транспорт што е од големо значење за сточарите. Со Годишната инвестициона програма за 2020 година, поради неминовна потреба од справување со недостигот на вода, како и недостигот на вода за напојување на добитокот во сушниот летен период, се планира да се изработат и 10 бушотини за бунари за вода, со што донекаде ќе се подобрат условите за чување и напасување на добитокот на пасиштата кои се соочуваат со недостиг на вода.
Градоначалникот на општина Штип посочи дека општината секогаш ќе дава поддршка за доработка на непристапните патишта и воедно апелираше да се користат мерките коишто значат развој на оваа дејност за да се надмине побрзо кризата.
Со распределба на наведената опрема како и спроведување на активностите согласно годишните инвестициони програми на ЈП за стопанисување со пасишта, значително ќе се придонесе во унапредувањето на сточарството, преку значително подобрување на условите за користење на пасиштата во државна сопственост, со цел одржување на бројот на добитокот во државата и со тенденција за негово зголемување.
Модернизацијата на бачилата, особено снабдувањето на бачилата со електрична енергија, ќе овозможи и модернизација на производствениот процес за преработка на млекото во млечни производи.
Сето ова претставува потврда за нашите напори да го модернизираме секој сегмент од земјоделското производство, што ќе придонесе за развој на сточарското производство но и за развој на економијата во целост.
















 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu