СООПШТЕНИЕ - 24.06.2020 во 12:48




Вицепремиерката Царовска, министерот Димковски и директорот Бабовски во посета на компанијата „Којаконеја“- Преку ИПАРД програмата го поддржуваме земјоделството и домашните компании да бидат поконкурентни на меѓународните пазари

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, денес ја посетија компанијата „Којаконеја“ (Coyaconeya), корисник на средства од ИПАРД 2 Програмата.

По посетата на компанијата и увидот на направените инвестиции, Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, изјави дека искуството коешто оваа компанија го има и она кое што при посетата на компанијата може да се забележи, во пракса покажува што значи поддршката од Европската Унија и користењетот на европските програми за нашата држава, нашето земјоделство и за нашите компании.

„Тие во пракса искажуваат едно искуство коешто значи инвестиција, но и искористување на зелена енергија за производство, коешто тие го праваат во оваа компанија. Тоа директно влијае на подобрување и на животната средина во нашата држава, но и за развој на економијата. ИПАРД програмата е навистина корисна програма, преку која директно се вложува во развој на земјоделието, но и во компаниите коишто имаат домашно производство и со тоа тие стануваат поконкурентни во регионот и конкурентни на европскиот пазар, затоа што имплементираат европски стандарди во своето производство. Ние како држава се стремиме да го постигнеме токму тоа. Да создадеме домашни компании коишто почитуваат и одржуваат европски квалитет и европски стандард, се со цел нашата држава да стане европска држава. Токму ова укажува дека целиот оној пат којшто го поминавме во минатиот период навистина ќе ги отвори вратите за голем развој на нашата економија и на нашите компании“, потенцираше вицепремиерката Царовска

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски посочи дека инвестицијата на компанијата „Којаконеја“ е уште еден показател за широкиот спектар на финансиска поддршка што го нуди ИПАРД 2 програмата, а во овој случај мерката 7 - диверзификација на фарми и развој на бизнисот. Оваа компанија е успешен пример за искористеноста на можностите што ги нуди мерката 7 за инвестиции во неземјоделски производи.

„Финансиската поддршка ја користеле за изградба на производствен погон, поставување соларни панели и набавка на опрема за производство на производи од дрва. Вкупната вредност на инвестицијата е 34,3 милиони денари од кои 33,7 милиони денари е финансиска поддршка о ИПАРД 2 програмата. Засега суровината ја користат за производство на конструкција за гарнитури. Мерката диверзификација на фарми и развој на бизниси има навистина широка примена и нуди поддршка на најразлични инвестиции во земјоделството. По принципот на кофинансирање оваа мерка овозможува инвестициите во земјоделско производство, производство на прехрамбени производи и пијалоци, односно мали преработувачки капацитети, ннвестиции во производство на непрехрамбени производи, занаетчиски дејности, рурален туризам и друго. Токму со инвестиции од ваков тип ќе се придонесе за развој на руралните средини и за отворање на нови работни места. Преку мерката диверзификација на фарми и развој на мали бизниси го развиваме најмоќниот дел од економијата, а тоа се малите и средните претпријатија кои се двигатели на домашната економија. Здравствената криза покажа дека домашното производство во сите гранки е најважно, вклучително тука и земјоделското. Наша обврска како влада е да го подготвиме земјоделството, да ги искористиме сите потенцијали за производство и продолжување на инвестициите за опоравување и заживување на економијата. Владата на РСМ вети силна поддршка на економијата и затоа во наредниот период, преку сите мерки и политики ќе создаваме поволна бизнис клима за раст и развој на домашната економија. Во земјоделството како важен сектор во економијата тоа ќе го постигнеме и преку ефикасната искористеност на ИПАРД 2 програмата“, рече министерот Димковски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, нагласи дека со мерките и средствата кои се реализираат преку платежната агенција, сериозно се влијае на развојот не само на домашната економија и модернизација на претпријатијата, туку директно се развиваат и руралните средини, а се отвараат и нови работни места. Агенцијата води сметка корисниците на мерките и програмите кои се реализираат да добијат целосна поддршка, се со цел реализација на квалитетни проекти со кои се произведуваат производи со додадена вредност, а со тоа директно да се влијае и на зголемување на бруто домашниот производ.

„Сакам да ги информирам сите корисници на програмите и мерките од ИПАРД програмата дека со престанокот на вонредната состојба, веќе од вчера продолжија да течат сите рокови на претходните отворени повици по ИПАРД 2 програмата, кои Владата, во април, преку Уредба со законска сила ги стави во мирување, поради пандемијата од коронавирусот Ковид-19. Ова значи дека од овој момент продолжува да тече рокот за поднесување на апликации за мерка 1 –инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства од ИПАРД 2 програмата и новиот продолжен краен рок за доставување на апликациите за мерка 1 е до 3 август 2020 година. Апликантите кои претходно имаат склучено договори, чии договори за реализација на инвестициите истекоа во време додека траеше вонредната состојба, согласно Уредбата со законска сила за примена на законот за основање на Агенцијата, имаат рок од дополнителни 60 дена по завршувањето на вонредната состојба да ги реализираат инвестициите, додека пак сите оние кои роковите за реализација се уште им течат, рокот им се продолжува за толку дена колку рокот за реализација бил стопиран за време траење на вонредната состојба и тоа почнувајќи од денот на престанувањето на вонредната состојба. Апелираме апликантите да ги запазат роковите до кога треба да ги завршат своите инвестиции бидејќи ние ги создадовме сите можни услови и предуслови за да може успешно и целосно да се финализираат отпочнатите проекти“, информираше директорот Бабовски.

Сопственичката на компанијата „Којаконеја“, Филимена Радоњанин, смета дека ИПАРД 2 програмата е многу корисна за развој на компаниите кои преработуваат земјоделски производи.

Првата работа, благодарност за програмата ИПАРД која го кофинасира проектот со тоа што помага многу за побрзо стабилизирање на новите компаниите и за производство на македонски производи, за да може да бидеме поконкуретни. Втората работата, со овој проект целиот објект од почеток до крај се уредуваше со разни проектанти, изведувачи, подизведувачи, надзори и освен што се работеше по македонски закони, тие работеа и по европски стандарди и критериуми коешто беше многу важно. Сите се прилагодивме на тие стандарди и сега истите тие изведувачи, подизведувачи се амбасадори понатака од Македонија во нивните проекти. И третата работа што исто така ме радува што на целиот објект имаме инсталирано и финансирано во фотоволтаична централа, односно сите машини, осветлувањето, климите, се работи на сончева енергија и производите се сите на одржливи извори на енергија. “, појасни Радоњанин

Во овој момент, бидејќи е лето, Радоњанин појасни дека се произведува поголемо количество на енергија, дел дури и враќаат во електро-преносната мрежа. Владата, заедно со МЗШВ и АФПЗРР ќе продолжат да креираат поволни услови за развој на домашниот агро сектор.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu