СООПШТЕНИЕ - 21.10.2020 во 14:58




ИНВЕСТИРАМЕ НАД 87 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА И РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ПАТНАТА МРЕЖА ВО КРИВА ПАЛАНКА И ОКОЛИНАТА


Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски заедно со вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска направија увид во градежните активности на инфраструктурните проекти кои се реалзираат во општина Крива Паланка.

Директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски истакна дека преку Програмата за рурален развој Крива Паланка реализираше четири проекти со вкупна вредност од околу 50 милиони денари, од кои три самостојни проекти на општината и еден во партнерство со Центарот за развој на Североисточниот регион.

„Преку овие проекти овозможуваме подобар живот на жителите на општина Крива Паланка, подобри услови за раст на стопанството, развој на руралниот и манастирскиот туризам и генерално зголемена конкурентност на регионот“ – истакна директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски.

Министерот Бочварски истакна дека покрај инвестициите во патната и железничката инфраструктура, интензивно се работи и на подобрување на комуналната мрежа во Крива Паланка за што се инвестира преку еден милион евра.

Овој регион е од особено значење за целокупниот економски развој, па поради тоа инвестициите во патната инфраструктура што ги реализираме тука се од огромна важност не само за подобар живот на локалното население, туку и за целата држава. Градежните работи за изградба и рехабилитација на 110 километри патна мрежа во околината на Крива Паланка, за што инвестираме преку 87 милиони евра, се одвиваат непречено и со добро темпо. Регионалното поврзување на земјата е приоритет на Владата и во таа насока посветено работиме на модернизација на патните правци кон граничните премини со соседните земји. Покрај изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, го реконструираме и градиме трета лента на патниот правец од Крива Паланка до Деве Баир, а во меѓувреме работиме на рехабилитација на регионалниот пат Куманово-Страцин. Нашата работа е целосно насочена кон интересот и потребите на граѓаните и продолжуваме посветено да работиме на реализација на капиталните инвестиции и изградба на инфраструктурата на државата, за економска стабилност на земјата и подобар живот за сите граѓани“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски стави акцент на заложбите на Владата на Република Северна Македонија за развој на инфраструктурата и враќање на животот во руралните средини.

„И во новиот мандат, Владата останува силно посветена на унапредување на целокупната инфраструктура и подобрување на условите за живот во руралните места. Овој регион, кој со години беше заборавен, изолиран и запоставен од страна на институциите и државата, сега станува центар на крупни капитални инвестиции. Со проектите што ги реализираме во Крива Паланка и околината во делот на патната, железничката и комуналната инфраструктура придонесуваме за развој на Североисточниот регион, подобри услови за живот и работа на граѓаните и подобро регионално поврзување. Граѓаните се сведоци на нашата работа и на овој начин, преку партнерство и соработка на централната и локалната власт ќе продолжиме со реализација на крупни капитални проекти од значење за економскиот раст на државата и остварување на поставените стратешки цели“ – изјави Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

Градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски се заблагодари за поддршката што општината ја добива од Владата и истакна дека инфраструктурните проекти што се реализираат во овој регион се од огромно значење за локалниот економски раст и квалитетот на живот на граѓаните.

Бочварски: Преку 80 милиони евра инвестираме во Крива Паланка.





 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu