СООПШТЕНИЕ - 01.03.2021 во 13:56


Денеска во Ресен доделени седум договори преку Ипард програмата за набавка на приклучна земјоделска механизација


Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со директорот на Агенцијата на финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, и градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, во Големата сала на Општина Ресен, свечено доделија седум договори за набавка на приклучна земјоделска механизација. Средствата се обезбедени преку ИПАРД програмата.

Вредноста на набавката изнесува 65.000 евра прифатливи трошоци за инвестиции за набавка на атомизери, косачка, ножици за режење, фрези, платформи со хидраулично подигање, тањирачи, приколици со агробар,еко боксови за скалдирање на овошје, електричен стакер и друга механизација која на земјоделците ќе им го олесни и ќе го осовремени производството. За сите седум договори вредноста на кофиннсирањето од Ипард фондот, изнесува 70 отсто од прифатливите трошоци, што претставува голема помош за земјоделците да инвестираат и да го унапредуваат своето земјоделско производство.

„Земјоделското производство е благородна работа. Од подготовка на почвата, сеење на семето, преку сите потребни агротехнички мерки, наводнување, заштита, прихрана, берба…Земјоделското производство е повеќе од само професија. Тоа е начин на живот, најчесто на целото семејство. Токму затоа, ценејќи го вашиот труд и вреднувајќи го вашиот ангажман во производството на храна, државата прави напори да ви помогне во производството, за вие да имате поголема и сигурна заработка. Тоа најдобро се прави со модернизирање на производството, со што ќе ви се олесни работата, а ќе имате повисоки и поквалитетни приноси од земјоделските култури.

Денеска јас се радувам заедно со вас, затоа што работата ми дозволила да бидам дел од нечија успешна земјоделска приказна. Знам дека ја имате големата слика за македонскoто земјоделство, а тоа е модерно, конкуретно производство што се стреми кон ЕУ. Ова е само почеток на поддршката што ви ја дава државата. Наша цел е Заедничката земјоделска европска политика каде што поддршката за агрокомплексот се брои во стотици милиони евра“ изјави министерот Хоџа.

Искористеноста на ИПАРД програмата, последниве години е во постојан пораст, а тоа придонесе Република Северна Македонија да биде лидер во регионот по реализација на проекти и искористеност на средствата.

„Ресен е одличен пример кога станува збор за искористување на средствата од ИПАРД, затоа што освен овие 7 договори преку ИПАРД 2 се одобрени вкупно 260 проекти по трите мерки со вкупна вредност од близу 4,6 милиони евра. Тоа се сериозни средства кои се вложени во домашниот агро сектор овде во Ресен за инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства, за модернизација на постојните или отворање на нови производни капацитети и кои на домашното произведено овошје и зеленчук му даваат додадена вредност. Со помош на средствата од ИПАРД 2 програмата сериозно го модернизираме домашното земјоделство, ги намалуваме производните трошоци, но, и работните часови на нива, а домашното производство станува поконкурентно“ изјави Бачовски.

Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, се заблагодари на поддршката која ресенскиот регион ја добива за развој на земјоделството, пред се на овоштарството. Тој искажа задоволство од досега постигнатите резулатати и добрата соработка на релација централна и локална власт. На земјоделците им порача да продолжат да инвестираат и да ги развиваат своите агробизниси, да аплицираат и понатаму и и да ги користат средствата од овие ЕУ фондови, како и сите други фондови од програмите на МЗШВ. Тој истакна дека со ваквата поддршка се овозможува развој на општината, а со подобрувањето на условите се мотивираат младите да работат и тука да ја градат својата иднина.

Директорот Бачовски, истакна дека ваквите примери треба да послужат како мотивација за други земјоделци и агробизнисмени да аплицираат и да ги користат средствата од ИПАРД. Ваквите примери на инвестиции во земјоделското производство се најдобриот показател дека европските фондови се достижни за секого и за секоја идеја за развој.

Агенцијата, МЗШВ заедно со Владата на Република Северна Македонија ќе продолжат и понатаму да креираат мерки за развој на земјоделскиот сектор.




 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu