СООПШТЕНИЕ
-
18.04.2020
Исплатени субвенциите за произведен и предаден тутун од реколта 2019
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, министерката за финансии, Нина Ангеловска, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство, Николче Бабовски, денеска одржаа прес-конференција во врска со исплатата на субвенциите за тутун од реколта 2019.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на 19.050 тутунопроизводители, денеска исплати над 30 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун во регистрирани откупни претпријатија за реколта 2019. Поради вонредната состојба предизвикана од КОВИД-19 и придонес кон заштита на јавното здравје Агенцијата, министерствата за земјоделство, за финансии, за одбрана и за внатрешни работи како и Народната банка подготвија соодветен модел за начинот на подигнување на парите, се со цел да не се создадат дополнителни гужви во сите филијали на банките низ Република Северна Македонија.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, информира дека субвенциите се веќе исплатени на сметките на корисниците, и апелираше до тутунопроизводителите да се придржуваат кон начинот на подигнување на парите.
„Подигнување на субвенциите за тутунот ќе се одвива во четири последователни денови започнувајќи од 21 април, вторник, заклучно со 24 април, петок. За секој од овие четири денови е направен распоред на исплата според азбучен ред на презимињата на физичките лица тутунопроизводители и на правните лица. Оние тутунари кои сакаат да подигнат готовина од банкомат, ќе можат да го сторат тоа и во понеделник од 16 до 23 часот, за што Министерството за внатрешни работи ќе има список според азбучниот ред“, истакна Димковски.
Можност за вадење готовина од банкоматите корисниците ќе имаат и од вторник до петок до 18 часот и покрај полицискиот час, во договор со Министерството за внатрешни работи кои ќе имаат списоци.
[повеќе] |