Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Илија Стоилев го потпиша последното решение од IPARD II програмата која го опфати периодот од 2014-2020
Инструментот за претпристапна помош за рурален развој – ИПАРД II програмата (2014–2020) за Република Северна Македонија е пристап до фондовите на Европската Унија наменети за финансиска помош за одржливо земјоделство и рурален развој. Со ратификување на Рамковната спогодба меѓу Република Северна Македонија застапувана од страна на Владата на Република Северна Македонија и Европската комисија за постапките за спроведување на финансиската помош од Унијата за Република Северна Македонија во рамките на спроведувањето на помошта според Инструментот за претпристапна помош (ИПА II), склучена е на 27 март 2015 година, во Скопје.
Оттогаш до денес успешно се рeализира целата ИПАРД II програмата преку следните мерки:
Мерка 1, Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства со вкупна финансиска искористеност од над 1,4 милијарди денари, односно 23 милиони евра.
Мерка 3, Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи со вкупна финансиска искористеност од околу 1,8 милијарди денари, односно 30 милиони евра.
Мерка 7, Диверзификација на фармите и развој на бизниси со вкупна финансиска искористеност од околу 1 милијарда денари, односно 15 милиони евра.
Мерка 9, Техничка помош со вкупна финансиска искористеност од 20 милиони денари, односно 300.000 евра.
Во текот на IPARD II програмата беа објавени 9 јавни повици и реализирани вкупно 2170 договори од мерките 1,3,7 и 9. Вкупната вредност на исплатената финансиска поддршка за реализираните договори изнесува околу 4,2 милијарди денари, односно 68 милиони евра што е 85% искористеност од буџетот на Програмата.
Европската комисија ја прогласи Република Северна Македонија за лидер во искористеност на ИПАРД средствата во регионот.
Со оглед на успешната имплементација на ИПАРД II и успешното прилагодување на Европските законски норми Република Северна Македонија покажува дека има капацитет ефективно да чекори по патот на Евроинтегралните процеси.